Меморандум за разбирање меѓу Скопски саем и Солунски саем

Со Меморандум за разбирање меѓу Скопски саем и Солунски саем ќе се промовира соработката меѓу нив. Меморандумот кој треба да биде потпишан набрзо отвора нови можности за компаниите од Македонија и од Грција затоа што на ваков начин  ќе се отвори простор да се претстават во другата земја на сите редовни саемски манифестации кои се организираат. Тоа практично значи дека компании од земјава ќе можат да изложуваат на која било саемска манифестација која ќе ја организира Солунскиот саем. Од Скопски саем велат дека оваа соработка се развива во рамки на ЦЕФА ( Централно европската саемска алијанса) која постои од 1995 година, а чии членки се и Скопски саем и Солунски саем.

Нови пазари

Меморандумот за соработка ќе се потпише многу брзо, само по утврдување на сите детали. Потписот најверојатно ќе биде ставен во Скопје, а по тоа двете куќи ќе разменуваат простор за претставување на фирми на сите редовни саемски манифестации. Од Скопски саем велат дека ова е добра можност за македонските фирми кои сакаат да се шират и да ја продлабочуваат соработката со партнери од Грција и од други земји, но и да освојуваат нови пазари.

 

„Скопски саем скоро седум децении е важен бизнис фактор во Република Македонија. Интензивно се работи на тоа да се зачува, развие и осовремени саемската дејност и на меѓународно ниво. Членството во меѓународните саемски асоцијации и репутацијата, овозможува Скопски саем да оствари многу нови деловни проекти и бизнис соработки со саемските институции од регионот и од Европа. Договорот за соработка, кој наскоро ќе го потпишеме со TIF – Helеxpo Солун е првиот од низата предвидени договори и соработки со остнатите саеми од регионот. Посветеноста, новите предвидени проекти, модернизирањето на саемската дејност и вмрежувањето на повисоко меѓународно ниво со другите саемски куќи, го задржува градот Скопје на мапата на саемските градови во регионот и во Европа.  И секако Скопски саем останува сериозен и значаен партнер и поддржувач на бизнисот, културата и промоцијата во Македонија, вели Даниела Глигоровска, Извршен директор на Скопски саем.

 

Од Солунскиот саем велат дека двете саемски институции имаат добра соработка со години и дека сега дополнително ќе се продлабочува.

 

„Добрата бизнис релација меѓу нашите две саемски институции  датира од многу одамна. Сакам да истакнам дека сега, со потпишувањето на овој нов деловен договор,  ја возобнуваме и уште повеќе ќе ја интензивираме и поставиме на уште повисоко ниво таа меѓусебна соработка. И покрај сите потешкотии што до неодамна ги имаше нашиот партнер, Солунскиот саем со сиот свој капацитет дава целосна поддрша на Скопски саем и длабоко веруваме дека нашата бизнис соработка ќе оствари многу деловни успеси и за двете саемски куќи, како и за бизнис секторот во нашите земји, вели Кирјакос Поздрикидис, Извршен директор на TIF – Helеxpo Солун.

 

На големите саеми во Минхен, Виена, Софија

Вакви слични меморандуми за соработка Скопски саем очекува да потпише и со други саемски куќи кои се дел од ЦЕФА. Иако и на ниво на алијансата имаат соработка, на ваков начин, можностите за фирмите се поголеми оти тие директно ќе можат да учествуваат на саемите кои се организираат и во поголемите градови. Станува збор за саемски манифестации на кои се собираат многу изложувачи и ги гледаат посетители од целиот свет.  Суштина на продлабочувањето на соработката всушност е отстапување на простор на фирми од други земји со кои има договор. Скопски саем засега нема свои простории за изложување, но оттаму велат дека очекуваат наскоро овој проблем да се реши.

Инаку во ЦЕФА има 26 членки со 23 саемски простори во 17 држави. Тие во просек годишно имаат околу 420 настани, околу 135 илјади изложувачи, повеќе од девет милиони посетители и обрт од околу 500 милиони евра. Сите саемски компании кои се дел од Алијансата се фокусираат да соработуваат повеќе во маркетингот, да споделуваат искуства, одржуваат заеднички обуки. Користа за учесниците е што ќе имаат ефикасен пристап до меѓународните пазари, ќе ги разгранат регионалните пазари, но ќе имаат и поголеми продажни потенцијали.

Меѓу членките на ЦЕФА се и саемските куќи кои изложуваат во Белград, Будимпешта, Грац, Љубљана, но и во Минхен, Софија, Тирана, Виена. 

 

Новости